т:темплум  

 

н:наградени раскази

октомври/ноември:2007
 

Од 79 раскази пристигнати на последниот (петти) конкурс за оваа година вообичаено ги издвоивме трите, според нас, најдобри, и уште десетина други раскази кои веројатно ќе влезат во последниот број на Маргина за 2007 (тој број, 78, ќе излезе во јануари 2008) или во книгата со изборот од најдобрите електролит-раскази за 2007 година (книгата ќе излезе пред нова година, заедно со книгата на добитникот на наградата Новите!).

Иако конкуренцијата е жестока (и тоа особено нè радува:), оваа година сепак се издвоија неколку автори (поточно: авторки!) кои речиси постојано испраќаат мошне квалитетни раскази; тука пред сè мислиме на Алена (која, доколку продолжи со вакво темпо и квалитет, следната година има мошне сериозни шанси да ја добие наградата Новите!:), на Ши (која можеби малку падна во однос на претходната година, но сè уште предизвикува особено внимание), на Квин Адрина (големото овогодишно пријатно изненадување!) и на Жанета Станоевска (со нејзиниот сталожен, прецизен и јасен авторски пристап).

Од другите девојки, годинава се издвоија Нада Бувљак, Ина Пешевска, Марта Марковска, Милена Николовска, Ирена Петровска...

Машкиве годинава не се прославија, освен стандардно добриот Ѓорѓи Крстевски (кој и минатата година беше меѓу најзабележителните елитраши). На моменти, сепак, одлични раскази годинава имаа Муцко, Бромофон, Дозгулпмус, Душко Гошевски...

Се разбира, добри раскази оваа година имаа и многу други елитраши (вкупно добивме 368 раскази од 156 различни автори!), но ние овде ги издвојуваме само оние автори кои во континуитет испраќале релативно квалитетни раскази...


...............................................................................................

Значи, според нас, најдобри раскази за ноември и декември 2007 се следниве:

1. Чудовишта - Ѓорѓи Крстевски
2. Огледало - Алена
3. Спасувајќи го Тоше - Муцко

За првото место на Ѓорѓи Крстевски немавме никакви дилеми; дури мислиме дека Чудовишта е еден од најдобрите негови раскази воопшто, од триесетината испратени овие две години. На многу мал простор, извонредно се споени Кафка (мрачноста, морничавоста, фантазмагоричноста) и Мишо (мистичноста, мекоста, фантастичноста), да речеме, во еден сосема нов спој, кој се карактеризира со необичниот и носталгичен однос кон детството (сосема нетипичен за Кафка или Мишо; можеби мотивот детство е покарактеристичен за Борхес?, уште едно од добрите писателски чудовишта што го чуваат сонот на Крстевски:).

Од трите добри раскази на Алена го издвоивме Огледало како можеби најпрегледен, најјасен. Расказот е отровно циничен (но во некои од мрачната лиричност дозволени рамки:), субверзивен (и спрема конвенционалната вера и спрема конвенционалната сексуалност), снажно натопен во женскиот светоглед (супериорен и хиперартикулиран) и мошне комплексен, иако станува збор за навидум лесна наративна форма: автопортрет (во кој, додуша, се мешаат уште барем два лика).

Спасувајќи го Тоше од Муцко добива награда и заради актуелноста и заради питкоста и заради интересната идеја (времепловот е мошне експлоатирана жанровска тема, но Муцко успева да биде доволно инвентивен, свеж и непредвидлив).

...............................................................................................

Како подобри (за во Маргина и можеби за во книгата Електролит:2007) ги издвојуваме и следните шест раскази: Колективно распаѓање од Квин Адрина, Грев од Ирена Петровска, Пресликување од Милена Николовска, Пријатели од Жанета Станоевска, Вошкар од Данаил Станојески и Пигус од Марко Јанев.

Расказот на Квин Адрина, иако на крајот како да губи сила  (благиот (т.е. портокаловиот:) крај баш и нема врска  со претходната убоита дијагноза на мрачната балканска паланка, Скопје), сепак претставува зачудувачки снажна и убедлива проза .

Грев од Ирена Петровска е само еден од неколкуте нејзини добри раскази, но го избравме него пред сè заради провокативноста. Недостатокот на овој расказ е делумната стереотипност.

Пресликување од Милена Николовска исто така на моменти делува доста фразерски, црпи од илјада пати црпени бунари (но, барем се добро избрани, проверени:), ама сепак тоа го прави доволно автентично...

Пријатели од Жанета Станоевска е солиден хипер реалистичен опис на една со (снажни подземни) емоции обоена наизглед најобична пензионерска средба, какви што имаме многу, секој ден, но оваа е посебна зашто е последна...

Вошкар од Данаил Станојески и Пигус од Марко Јанев не се на нивото на досега издвоените раскази, но сепак се издвојуваат со други особини: Јанев со мошне мошне храброто и бизарно духовито деконструирање на клучниот христијански мит, а Станојески со ангажираното застанување зад издвоеното и жигосаното дете, при што немилосрдно се оцртани медиокритетските општествени стеги прикажани низ родителите и воспитувачките...
...............................................................................................

Посебен впечаток ни оставија и трите раскази на Морфин (мошне имагинативно, храбро, субверзивно - вистински опасен дрогашки ролеркостер трип! - но недоволно дисциплинирано и спастрено); двата раскази на Ина (младешки снажни и страсни, но и доволно луцидни и артикулирани); неколкуте раскази на Дозгулпмус (интересни како идеи, но наш впечаток е дека се недоработени, без вистински поенти, т.е. со предвидливи разрешници); Фракција од Љуба Кузманов (иронична социјална и политичка критика со филозофски вокабулар), Една партија од Марко Ковачевски (афористички убоита политичка сатира) и долгиот комплексен (ама на моменти монотон) Еликсир на Др. Макс (таму има наративен материјал речиси за роман!).

Повеќето други раскази исто така имаат доста солидно ниво и драго ни е што вкупното средно ниво е повисоко од минатата година.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Годинава вашите раскази ги читаа и оценуваа Никола Гелевски, Бранко Прља и Владимир Јанковски. Никола Гелевски ги пишуваше образложенијата (во еден случај и Бранко Прља, кој исто така ве поштедуваше од некои поостри оценки на Никола Гелевски:). Ќе се обидеме, во иднина, да вклучиме и други просудувачи и оценувачи, чисто за да го афирмираме плурализмот на вкусовите, зарем не?!:)

Ќе се видиме, инаку, на журката во Точка, по повод излегувањето на двете нови Катапулт-книги (Електролит: 2007* и Новите:2007) , при крајот на месецов! Најдобрите педесетина раскази од оваа година, повторуваме, почитувани и драги елитраши, ќе бидат објавени во книгата Електролит 2007, која ќе излезе за две недели, едновремено со најдобриот од конкурсот Новите!

Продолжуваме следната, 2008 година!  Во следната година ви (си:) посакуваме уште повеќе и, пред сè, уште подобри раскази!


* Најавената „Жанровска книга на Електролит:2007“ нема да биде објавена поради недоволниот број пристигнати раскази на жанровскиот конкурс. Наместо тоа, наградените и избраните раскази од овој конкурс ќе бидат објавени заедно со другите избрани раскази во една книга Електролит:2007.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Расказите објавени во Маргина ги хонорираме исто како за Електролит: со Темплум-книги! На авторот на секој од објавените раскази му следуваат по седум наслови: две Маргини во кои расказот е објавен, две други Маргини (по избор) и три Магма-книги. Тоа важи за сите во Маргина застапени автори, комплет со веќе наградените (кои ќе добијат плус книги заради наградите).

Наградите можете да ги подигнете во просториите на Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус), или во Културниот центар Точка (Климент Охридски 15, позади Соборниот Храм).

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања


























































































































































 
  д:дома