т:темплум  

 

н:наградени раскази

октомври:2006
 

Многу интересен конкурс! :)) Ако за претходниот рековме дека е најдобриот до сега - октомврискиов го надминува! Ко мала Лига на шампиони испадна! И тоа без некои досегашни важни победници, како Пчински и Букарски, на пример... Уште и тие да се појават, можеби во ноември, и доколку другите го задржат нивото - лудница ќе биде! И книгата Електролит #1, на крајот од годината - лудница, исто! Браос, е-литраши, што друго да ви кажеме...

Според нас, значи, во октомври добивме девет мошне добри раскази, од кои најмалку пет се речиси извонредни. Но, тоа не е сè: уште најмалку десетина раскази комотно ќе освоеја некоја од наградите во некој од послабите конкурси годинава! Затоа велиме дека нивото мошне видливо порасна последниве два месеци - и тоа е, всушност, најдобрата вест.:)) И не само тоа!: од месец на месец се намалува бројот на сосема аматерските, да не речеме дилетантските раскази, така што се сосема пристојни и читливи дури и расказите пласирани во долниот дел од оценувањето...


Ако минатиот пат за Ѓорѓи Крстевски и Гето Руди рековме дека се речиси изградени млади писатели со релативно профилиран и доволно артикулиран стил, овојпат громогласно тоа го велиме за Bushy Meat: цар!!! (ил царица?! Ништо друго не знаеме за Буши, освен расказите:). Тоа особено го докажува расказот “Професионалец”, кому му ја доделивме главната награда. Според нас, расказот комотно може да влезе во која било антологија на “етаблираната” македонска литература... Запрепастуваат, просто, избрусеноста на Бушиевиот јазик, леснотијата на неговото раскажување придружена со неверојатната прецизност, со извонредното чувство за премини, ритам, резови... Извонредно започнат расказ, директ од затворска ќелија, одлично воден, главно низ дијалози, со сјајна завршница и со многу интересен главен мотив: невидливоста, но повеќе сфатена како вештина, како мимикрија... Мошне слоевита, колоритна атмосфера, доследна психолошка логика, избегнување на сите стапици на здодевноста и конвенционалноста (заради тоа велиме: извонредно чувство за ритам, за премини, за менување на раскажувачките платформи) - сето тоа се книжевни карактеристики кои навистина го издвоија делото на Bushy Meat.

Второто место го делат исто така два извонредни раскази: “Син на биста” од Зоран Груески и “Злосторник” од Арвидас Кртина. И за двајцата во голема мера важат некои работи што ги рековме претходно: мошне прецизна и интелигентна проза, прилично мрачна но и прилично духовита, и мошне суптилно “интелектуална” (здивот на Сиоран се чувствува кај Груески, како и оној на Замјатин кај Кртина:)... Но, влијанието е таман колку што треба, ни претерано, ни сосема невидливо... “Син на биста” останува прилично енигматичен расказ дури и по второто читање: дали главниот лик навистина е син на “бистата”, на прерано умрениот син на старата госпоѓа? И која е неговата мајка? Таа што “шврљала”?! И таа мајка го оставила кај баба му, т.е. кај мајката на прерано починатиот татко, претворен во биста? Заради таа во суштина психолошка нејасност расказот добива некакви кафкијански тонови, мрачни дури и зад границата на мрачното...

Мракот на “Злосторникот” сепак е многу поведар и подуховит од оној на Груески: мошне се допадливи јазичните луцидности и игри со зборови и препознатливиот новокапиталистички контекст на Скопје, изместен(о) во една дистописка перспектива... Таа суптилна социјална критика е она што расказот на Кртина го прави многу повеќе од обична реплика на “Ние” од Замјатин...

Девојките, кои победија на двата последни конкурси, овојпат се малку подолу, но затоа местата од четири до приближно дваесет се исполнети речиси исклучиво со девојки! (само Крстевски го вметнавме меѓу женското друштво:) Третото место, значи, го делат расказите “Камелеон” на Мимоза Петревска и “Фистула” на Нада Бувљак. Петревска (барем под ова име) прв пат учествува на конкурсот и интересно е како во толку мал простор од една страница успеала да вметне толку многу, да речеме жанровски алузии; на расказот може да се гледа и како на некаква лирска проза, но и како на некој чуден микс меѓу басна и бајка; циничен е, но не прекумерно, оти лиричноста е фино вткаена во основното ткиво на текстот... Крајот е тажен, но пркосен и духовит, со поента што наликува на басна...
“Фистула” е исто така мошне интересен расказ, особено од некаков психолошки аспект; всушност, апла е психоаналитичарски: незаинтересираниот и често пијан татко, мајка која синот го облекува во фустан и ноќе му влегува со ракија до го трие, со братот во ист кревет, хомосексуални алузии на крајот... А главниот мотив - едно поткожно влакно (што можеби наликува на дивото месо на Горан Стефановски?!) е најинтересната фигура во текстот, најкреативната и најинвентивната, фигура која имплицира мошне слоевити значења за кожата, на пример, која се наоѓа помеѓу нас и светот, која е некаква опна што пропишува што е надвор а што внатре, една произволна опна, нешто како инвагинарните џебови на Дерида... Тоа поткожно влакно на моменти наликува и на некој алтернативен фалус, така што работата станува уште покомплексна... И на крајот - паф! Ампутација! Или кастрација?! Можеби расказот е обид да се долови самоосознавањето на едно геј момче?! Треба да се праша Нада Бувљак, не? :))


...............................................................................................

Во декемвриската Маргина ќе бидат објавени и уште четири раскази, мошне мошне пристојни: “Тумба-тумба” од Лидија Каранфиловска (убав централен мотив, детската игра “Тумба-тумба” чија суштина е вечното бркање и недопирање; ракурсот е детски, но емотивните импликации од расказот се мошне богати и благо тревожни, каква што литературата треба да биде, не?:); “Мабел” од Слободанка Павлова (оваа авторка, особено заради нејзиниот втор расказ “Ќе погодиш ли која сум...”, испадна можеби најнеобичниот учесник на октомврискиот конкурс; ко некаков психо СФ се двата раскази, снажни и непредвидливи:); “Во собата” од Лилу Лудов (експериментална проза,малку презакомплицирана и на моменти неоправдано бесна, но сепак доволно интелигентна и женски субверзивна:-); “На крајот од тунелот” од Ѓорѓи Крстевски (високо писмено, но на моменти пререторично, да не речеме здодевно... Основниот мотив, несаканото доаѓање на свет, е малку банален, недоволен за целата раскошна космичка иконграфија на расказот).

...............................................................................................

Пофалбите овојпат одат за Милена Николовска, Марија Башевска, Јасна Димитровска, М. Петровска, Весна Трајковиќ...

На некои автори (особено на Глигор Еленов, чиишто автобиографски цртички се интересни описи на ликови, карактери и не баш пофални културни менталитети, на Душко Гошевски и на уште неколкумина други чија проза се приближува до документаристиката) им советуваме да ни испраќаат прилози и за новиот конкурс, “Вистинити животни приказни”.


...............................................................................................

Ете, толку за седмиот електролит-конкурс. До крајот на годината ќе имаме уште еден конкурс: ноемврскиот; декемврискиот ќе го рипнеме бидејќи решивме во декември да направиме избор од најдобрите раскази во текот на годината и да ги објавиме во книга, во едицијата “Магма”.

Доколку работите одат добро, пред Нова Година би требало да ги имаме испечатено двете за нас важни книги: избор од првата електролит-година и најдобриот ракопис од конкурсот за најдобра дебитантска проза...

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

ноември

Следниот електролит-конкурс започнува на 01 ноември, а ќе трае до 01 декември. Ова е последен конкурс за годинава, затоа побрзајте! Ограничувањата во бројот на карактери ќе останат исти, значи нема промени... нив ги чуваме за до година кога планираме и други (концептуални, систем(ат)ски, технички...) промени во конкурсот со што се надеваме дека ќе го направиме подобар,  поквалитетен и поинтересен за сите.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Наградите можете да ги подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).

Погледнете ги досега објавените Маргини и прозни книги од едицијата Магма.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања























































































































































 
  д:дома